Трипуновски за Сител: 50 договори се стопирани по скандалот со директорот на Платежната агенција
50-тина договори кои чекаат исплата од ИПАРД 3 програмата се стопирани по скандалот со директорот на платежната агенција, потврди министерот за земјоделство Цветан Трипуновски во Тема на денот на Сител.
Според него нема опасност од губење средства, исплатата ќе продолжи по завршување на проверките. Трипуновски потврди дека постапката е стопирана по барање на македонска страна, а не од Брисел, како што обвинува опозицијата. Колку ќе трае постапката на проверка на сите стопирани договори, засега е неизвесно.
Опозициската СДСМ пак обвинува дека со замрзнувањето на средствата од ИПАРД 3 државата ризикува да загуби дел од парите планирани во програмата која на Македонија ѝ е на располагање до 2027. Екс министерот за земјоделство Николовски и понуди решенија на владата за деблокада на средствата.
Трипуновски пак одбива помош од СДСМ, со образложение дека не можат да нудат помош оние кои создавале проблеми. Трипуновски со порака и до земјоделците дека националните плаќања нема да запрат.
Во следните денови ќе биде именуван нов директор на Платежната агенција.
По скандалот во кој директорот на Платежна агенција Илија Стоилев беше фатен како прима поткуп за доделување на финансиски средства на агро фирма од Струга која не ги исполнувала условите, неизвесно е колку долго средствата од европската програма ќе останат стопирани. Стоилев беше фатен додека примал поткуп од 400 евра како прва рата од ветени 50.000 евра од струшка фирма.
До овој момент само македонските институции работат и прават проверки што се случувало во платежната агенцијата тврди Трипуновски. Брисел ја поздравил акцијата и чека дополнителни информации од нашите институции, но се воздржуваат од дополнителни коментари.
Во случајот петмина се осомничени. Четворица се во ефективен, а еден во куќен притвор.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
