Балкан
8. August 2015 - 8:53

Трговскиот дефицит на Косово во јуни достигна 207,5 милиони евра

Податоците на Косовската агенција за статистика околу остварениот извоз и увоз во месец јуни годинава, покажуваат дека надворешно трговската размена на Косово забележува висок дефицит, јави дописникот на МИА.

Така, во јуни годинава дефицитот достигнал 207,5 милиони евра, додека во истиот месец лани тој изнесувал 188,6 милиони евра.

Официјалната статистика потврдува дека извозот го покрива увозот со 12,8 отсто.

Според овие податоци, во јуни од Косово е извезена стока во вредност од 30,4 милиони евра, додека во исто време се увезени производи за 238 милиони евра.

На годишно ниво извозот во јуни е зголемен за 12,1 отсто, а увозот за 10,3 отсто, стои во извештајот на Агенцијата за статистика.

Гледано одделно, 46,4 отсто од вкупната вредност отпаѓа на извоз на метали и метални производи, 12,4 отсто на руда, девет проценти на пластика, гума и нивни производи, 8,5 отсто на готова храна, пијалаци и тутун, 6,3 на машански и елетро апарати, а 3,9 проценти на кожа и кожни производи.

Според податоците за главните групи кога станува збор за увозот, 13,8 проценти отпаѓа на увоз на готова храна, пијалаци и тутун, 13,7 отсто на руда, 10,1 проценти на машински и елктро апарати, 10 отсто на метали и производи од метал, 7,6 проценти на производи од хемиската индустрија и 6,6 отсто на транспортни средства.

Главни надворешно-трговски партнери на Косово се земјите од ЕУ, на кои отпаѓа 34,8 отсто од извозот и 42,5 проценти од увозот, додека државите на ЦЕФТА учествуваат со 40,9 во извозот и 29,8 во увозот.

Одделено по држави, Косово најмногу извезува во Албанија (14,1 отсто), Србија (11,3 проценти), Македонија (11 отсто), Белгија (9,5 проценти), Италија (8,8 отсто) и Индија (7,8 проценти), додека најмногу увезува од Србија (13,6 отсто), Германија (11,5 проценти), Турција (9,5 отсто), Кина (9,3 проценти), Италија (8,3 отсто), Албанија (6,8 проценти) и Македонија (6,1 отсто).