Македонија
22. јуни 2016 - 12:18

Трета ротација на словачки полицајци во Македонија

Дваесет и пет припадници на полицијата на Словачка утре ќе пристигнат во Македонија за да спроведуваат заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, информира Амбасадата на Република Словачка во Скопје.

Третата ротација на 25-те припадници на словачката полиција е врз основа на Меморандумот за разбирање помеѓу министерствата за внатрешни работи на Република Словачка и Република Македонија. 

Словачките полицајци ќе спроведуваат заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, со цел превенција во областа на јавната безбедност и неовластеното преминување на државната граница. Словачка полициска единица ќе биде повторно распределена во областа на Дојранското езеро.    

Како што е наведено во соопштението од Амбасадатра, полицајците ќе бидат соодветно опремени – со теренски моторни возила, термални камери и уреди за ноќно гледање. Мандатот на словачката полицициска мисија ќе биде 30 дена со можност за продолжување. 

Република Словачка до сега испрати во земјата вкупно 75 полициски службеници што е најголем допринес по глава на жител од странски држави кои учествуваат во заедничките операции во Република Македонија. Помошта е израз на солидарност во решавањето на мигрантската криза и во контекстот на престојното (од 1-ви јули) словачкото претседателство во Советот на ЕУ, каде една од приоритетите ќе биде „одржлива мигрантска и азилска политика”.