Македонија
17. August 2022 - 16:53

Тренчевска: Се грижиме за најранливите граѓани, помошта и поддршката да стигнат каде што се најпотребни

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во рамките на денешната посета на Општина Гевгелија, оствари средба со пензионерите на оваа општина, ги посети вработените и децата од ЈОУДГ „ Детска радост“, Центарот на социјална работа и посетата на Општина Гевгелија ја заокружи со посета на домот на корисници на права и услуги од системот на социјална заштита.

Како што информираат од МТСП, на средбата со пензионерите е разговарано за унапредувањето на животниот стандард на оваа ранлива категорија на граѓани, преку воведувањето на новата методологија за раст на пензиите, со која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50 отсто. Посочуваат дека пензиите и понатаму ќе се усогласуваат два пати годишно, и тоа на 1 март и на 1 септември секоја година.

– Со пензијата во месец септември пензионерите ќе имаат дополнително околу 8 отсто до 10 отсто плус на својата сметка, што претставува рекордно зголемување на пензиите во историјата на државата. Со ваквиот начин на усогласувањето на пензијата и со директната финансиска помош која беше предвидена за месец април, мај и јуни во 2022 година, за 12 месеци, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари плус во буџетот во однос на 2021 година, рече министерката Тренчевска во разговор со пензионерите.

Министерката Тренчевска ги посети вработените и децата од ЈОУДГ „Детска Радост“, при што присуствуваше и на музичка точка подготвена од децата на оваа градинка. Во склоп на ЈОУДГ „Детска Радост“ , во тек е постапка за доградба на детската градинка „Сончогледи“, со површина од 1150м2, која ќе обезбеди опфат на нови 135 деца од предучилишна возраст. Почетокот на градежните работи се очекува да бидат означени најдоцна до крајот на годинава.

За социјалните права и услуги од системот на социјална заштита, министерката разговараше со вработените во Центарот за социјални работи-Гевгелија, кои информираа дека на ниво на општина во моментов има 248 корисници на Гарантирана минимална помош, 1254 корисници на услугата помош и нега од друго лице, право на попреченост користат 168 лица, 18 корисници на Дневен центар на лица со попреченост, како и дека непречено тече исплатата на останатите социјални права.

Министерката го посети и домот на Фанка Динева, лице корисник на лична асистенција, право на нега од друго лице и право на мобилност. Додека нејзиниот партнер Јонче е корисник на личен асистент. На средбата изразија задоволство од поддршката која ја обезбедува државата за лицата со попреченост

Посочуваат дека реформата во социјалната заштита донесе бројни придобивки за граѓаните на кои помошта им е неопходна. Од раст на паричните права до проширување на лепезата на социјални услуги.

– Грижата за ранливите категории на граѓани е приоритет и одговорност на Министерството за труд и социјална политика. Затоа во континуитет вложуваме во унапредување на нивните права и воведување на нови социјални услуги, порача Тренчевска.