Свет
13. September 2016 - 9:11

Трамп вети дека ќе ги открие деталите за своето здравје

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп вети дека ќе им ги покаже на јавноста податоците за неговата здравствена состојба.

Трамп досега одбиваше да го направи тоа, а изјавата во која е дадено ветувањето, доаѓа откако кај демократскиот претедателски кандидат, Хилари Клинтон лекарите дијагностицираа пневмонија.

Тој смета дека сега веќе е јасно оти здравјето (и на двајцата кандидати) стана прашање на претседателската изборна кампања.

Трамп ветува дека ќе ги покаже лекарските наоди од прегледите направени минатата недела.

- Се надевам дека тие се добри. Јас се чувствувам извонредно, изјави републиканскиот кандидат за телевизиската компанија Фокс.

Трамп изјави и дека и поскаува на Клинтон брзо опоравување, признавајќи дека не знае што воопшто се случува.

Ова е првпат, Трамп и неговиот изборен штаб да не ја користат здравствената состојба на Клинтон како аргумент за да тврдат дека таа не е доволно здрава за да може да биде претседател на САД.

На Клинтон и се слоши во текот на комеморацијата за жртвите од терористичките напади во Њујорк, од пред 15 година.

Нејзините лекари потоа открија дека таа има „пневмонија од нога“ - помалку сериозна инфекција на белите дробови, поради што пациентот не се чувствува добро, но не е потребно болничко лекување.

Во таква состојба, таа во петокот, кога е откриена болеста имала интензивен работен ден , но состојбата и се влошила поради топлото време во текот на комеморацијата и големата влажност тој ден во Њујорк.

Портпаролот на кампањата на демократите, Брајан Фалон изјави за Си-Ен-Ен дека Клинтон нема никакви други неоткриени состојби со здравјето.

Фалон рече дека таа ќе презентира нови податоци, за да се намали загриженоста околу нејзината општа здравствена состојба.

Клинтон сепак остана дома на опоравување, наместо да замине на кампања во Калифорнија, каде се наоѓа нејзиниот противкандидат.

- Се очекува, следните денови таа да се врати во изборната трка, истакна Брајан Фалон.

Доналд Трамп има 70, а Клинтон 68 години и тие двајцата се меѓу најстарите претседателски кандидати во американската историја.