Свет
1. May 2020 - 8:13

Трамп тврди дека видел докази за тезата дека Ковид-19 произлегол од кинеска лабораторија

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека е убеден дека новиот коронавирус можеби потекнува од кинеска лабораторија, но одби да даде детали за можни докази за тоа. Со тоа, се засилија тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг околу потеклото на вирусот.

Трамп изјави дека видел докази што му дале „висок степен на увереност“ дека вирусот потекнува од Институтот за вирологија во Вухан.

– Да, да, видов, одговори Трамп на прашање дали видел докази за таа теза. Сепак, Трамп одби да открие детали.

– Јас немам право да го кажам тоа, рече американскиот претседател.

Институтот за вирологија Вухан ги отфрли тврдењата дека Ковид-19 е лабораториски направен кај нив. Таа можност ја отфрлија и американски претставници.

Канцеларијата на директорот за Национално разузнавање, од каде се координира мрежата од сите американски шпионски агенции, вчера потврди дека вирусот, кој се прошири   низ целиот свет, не е создаден по вештачки пат или модифициран.

– Целата разузнавачка заедница постојано им помага на властите на САД и на тие кои водат битка со вирусот Ковид-19 кој се појави во Кина, се вели во соопштението на директорот на Национално разузнавање.