Свет
21. October 2020 - 8:36

Трамп напушти интервју бидејќи новинарката не носела маскa

Американскиот претседател Доналд Трамп нагло го прекина интервјуто за емисијата „60 минути“ на Си-Би-Ес њуз и не се врати на снимањето кое требаше да го има со потпретседателот Мајк Пенс, велат извори запознати со настанот, пренесува Си-Ен-Ен.

Трамп нагло го прекинал интервјуто со водителката Лесли Стал, 45 минути по снимањето во Белата куќа и рекол дека верува дека Си-Би-Ес има доволно материјал.

Претседателот подоцна ја обвини Стал дека не носи маска и објави кратко видео од неа без маска додека била во Белата куќа.

Едно лице запознаено со ситуацијата, за Си-Ен-Ен пак изјави дека видеото што претседателот го споделил на Твитер, ја прикажува Стал со продуцентите непосредно откако Трамп го прекинал интервјуто, каде што таа сè уште не успеала да се врати по личните работи за повторно да ја стави маската. Тој нагласил дека водителката носела маска од моментот кога влегла во Белата куќа до почетокот на интервјуто.

Поранешниот потпретседател Џо Бајден и сенаторот од Калифорнија, Камала Харис, исто така, дадоа интервјуа за емисијата „60 минути“. Трамп и Пенс требаше да се појават заедно пред камерата, како и пред четири години, за време на прошетка и разговор, но претседателот не се врати на снимањето, тврдат изворите.

Набргу откако видеото на водителот без маска беше објавено на Твитер, Доналд Трамп напиша дека размислува порано да објави интервју за сите да видат за какво пристрасно новинарство станува збор.

„Сакам да ве известам дека, заради кредибилитет на известувањето, размислувам да го објавам моето интервју со Лесли Стал пред неговото емитување! Сакам да го сторам ова за сите да можат да видат за какво лажно и пристрасно интервју станува збор”, напиша американскиот претседател на Твитер.