Свет
12. јуни 2020 - 10:01

Трамп ќе ја прифати републиканската номинација во Џексонвил на Флорида

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ова лето ќе ја прифати претседателската номинација на републиканците во Џексонвил, на Флорида.

Претседателот на Републиканскиот национален комитет, Рона Мекданиел, изјави дека официјалниот дел од партиската конвенција ќе продолжи да се одржува во Шарлот, Северна Каролина, но дека прославата за номинација на Трамп ќе биде преместена во Џексонвил.

Зад таа очекувана објава е спор меѓу Трамп, неговата Републиканска партија и демократскиот гувернер на Северна Каролина Рој Купер, кој одби да ги смени протоколите за јавно здравје за да му угоди на Трамп во држава во која бројот на заболени од Ковид-19 продолжува да расте.

Наместо тоа во Шарлот, Трамп ќе одржи говор откако ќе ја прифати номинацијата на 27 август во арената со 15.000 места во Флорида, која неодамна се согласи да биде домаќин на него и чиј гувернер е Рон де Сантис, неговиот главен сојузник.

Демократите треба да ја одржат својата конвенција во Милвоки, Висконсин во август, но сè уште не ги разработиле безбедносните мерки во врска со претстојниот настан.