Loading Video...
Свет
15. April 2020 - 14:24

Трамп ги укина финансиите за СЗО

Соединетите Американски Држави привремено ќе го запрат финансирањето на Светската здравствена организација. Претседателот Трамп не е задоволен од тоа како СЗО се справува со пандемијата со коронавирусот. Оваа одлука на Трамп не е ненадејна, бидејќи тој и во минатите неколку дена ја критикуваше Организацијата и начинот на кој таа работи во овие кризни моменти.

-Денеска и дадов инструкции на мојата администрација да го запре финансирањето на Светската здравствена организација се до завршување на проценката на улогата на СЗО во лошото управување и прикривање на податоците за ширењето на коронавирусот. Сите знаат што се случува таму. Американските даночни обврзници плаќаат помеѓу 400 и 500 милиони долари годишно во буџетот на СЗО. За споредба, Кина плаќа 40 милиони долари, а дури ни толку, рече Трамп. 

Оваа одлука на Трамп наиде на остри критики од светските сили. Кина ги повика САД да ги исполнат своите обврски кон СЗО, но оттаму нема одговор дали таа држава ќе го надомести кусокот во касата организацијата.

Според Европската унија, пак, нема причина што може да го оправда овој потег во момент кога напорите на СЗО се неопходни повеќе од кога било порано. Реагираше и Бил Гејтс, кој вели дека престанувањето на финансирање на Светската здравствна организација е многу опасно. Според него, СЗО му е потребен на светот повеќе од кога и да било. 

Американските власти најавија и дека Трамп во следниот период ќе објави план за повторно заживување на проблематичната американска економија. Планот се очекува да биде готов пред 1 мај.

Олабавување на мерките со цел враќање на економијата на стабилни нозе може да се очекува и во Германија. Експертите во оваа држава ја советуваат канцеларката Меркел да се намалат рестрикциите, односно да почнат да се отвораат некои училишта, продавници и ресторани. Германската научна академија, Леополдина препорачува училиштата да се отворат што е можно побрзо, но да биде задолжително сите луѓе да носат маски во јавноста. За да се олабават рестрикциите, академијата препорачува дека бројот на тестирања во Германија треба значително да се зголеми, иако германците прават најмногу тестирања во Европа.