Свет
3. August 2016 - 11:44

Трамп: Барак Обама е најслошиот претседател во историјата на САД

Претседателскиот кандидат на американската Републиканска партија, Доналд Трамп го оквалификува Барак Обама како „најлошиот претседател“ во историјата на САД.

Во интервју за американската телевизија Фокс, Трамп рече дека времето на Обама како претседател било „катастрофа“, опишувајќи го неговото претседателствување како „слабо и неефикасно“.

Трамп го критикуваше Обама за неговите потези околу Украина, по што како што рече, „Русите го анектираа Крим“, како и политиката на сегашната Администрација кон Блискиот Исток, оценувајќи ја како „дестабилизирачка“ за целиот регион.

Критиките на Трамп доаѓаат како одговор на осудата и дисквалификациите што вчера ги изрече Обама, кој претседателскиот кндидат на републиканците го оцени како „целосно неподготвен за да биде претседател на САД“.

Ваквата оценка на Обама уследи по јавните критики што њујоршкиот милијардер ги изрече за семејството на еден американски војник-муслиман, кој загинак во Ирак, откако неговиот татко на Конвенцијата на Демократската партија го осуди Трамп за барањето да им се забрани на муслиманите влез во САД.

По грубата пресметка на Трамп со родителите на посмртно одликуваниот војник, остро реагираа демократските, но и републиканските политичари, како и повеќе групи на воени ветерани.

По последниот инцидент на републиканскиот претседателски кандидат, еден угледен донатор на републиканците соопшти дека нема да гласа за Трамп на изборите во ноември, а тоа денеска го стори и републиканскиот конгресмен Ричард Хана. Тој е првиот конгресмен на републиканците кој кавно најави дека ќе гласа за Хилари Клинтон.

Трамп во интервјуто за телевизијата Фокс ги нападна и угледните републикански политичари, спикерот на Конгресот Пол Рајан и сенаторот Џон Меккејн, затоа што претходно тие ги критикуваа неговите погледи и потезите што ги прави на американаката политичка сцена.

Трамп во знак на протест одби да ги подржи повторните кандидатури на Рајан и Мекеј за изборите во ноември.

Низа угледни републиканци најавија дека нема да гласаат за Трамп, а меѓу нив се и Барбара Буш, поранешната прва дама на САД, Џеб Буш, гувернерот од Охајо Џон Кејсик, како и поранешниуот претседателски кандидат Мит Ромни и некогашниот државен секретар за одбрана Вилијам Коен.