Македонија
14. March 2016 - 13:17

Tрајно решен работниот статус на 112 поранешни професионални војници

Во Домот на АРМ во Скопје денеска 112 поранешни професионални војници во АРМ во присуство на премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев и министерот за одбрана Зоран Јолевски, потпишаа договори за вработување со што трајно е решен нивниот статус, со кој пак се придонесува во подобрување на економско-социјалната состојба на нивните семејства.

Премиерот за спроведување на изборите Димитриев честитајќи им на поранешните професионални војници за потпишаните договори за вработување во државните институции, нагласи дека како и досега и во иднина во Владата ќе имаат искрен партнер и ќе се продолжи со посветена работа, нови мерки и проекти, со практикување на политика на отворени врати и блискост со граѓаните на Република Македонија.

- Тоа е единствениот начин на работа што создава позитивни резултати, раст и развој во секоја сфера. Доказ за тоа се постигнатите досегашни резултати, кои силно верувам дека во идниот  период дополнително ќе бидат подобрени, истакна Димитриев. 

Познавајќи ги вашите одлични работни навики, вашето одлична подготвеност и посветеност докажана како во земјата, така и надвор во мировните мисии, подвлече тој, убеден сум дека одлично ќе се снајдете на новите работни места на кои ќе бидете распоредени и оти институциите во кои ќе продолжите да работите добиваат исклучително професионален кадар. 

- Голем дел од проблемите ги решивме, многу прашања ги затворивме, многу процеси значително ги придвижуваме, преку постојани средби, заедничка работа и заедничка желба и посветеност за подобрување на состојбите во АРМ, рече Димитриев.

Министерот Јолевски изрази надеж дека извонредно квалитетните вештини стекнати за време на служењето во АРМ како професионални војници, ќе бидат најдобро искористени од другите државни институции, а во иднина најверојатно и приватниот сектор.

Роберт Јанев, од кавадаречкото село Паликура, поранешен професионален војник во АРМ, изрази голема благодарност до МО и до Владата на РМ, што, како што рече, смогна сили да го реши овој проблем кој се провлекуваше шест години и да ги вработи во институциите на системот. Се надева дека согласно степенот на образование ќе биде вработен во судска полиција.

Благодарност изрази и скопјанецот Сашко Саџовски, поранешен професионален војник, кој со денеска потпишаниот договор за вработување е распореден во МО.

Владата донесе одлука и акциски план со кој се предвидува вработување на 112 поранешни припадници на професионалниот состав на АРМ врз основа на Законот за служба во АРМ. 

Предвидено е овие 112 лица да бидат вработени во поголем број државни институции и тоа 19 во институциите во Министерството за здравство, други 19 ќе бидат вработени во рамки на Управата за извршување на санкции, 45 во судска полиција, а останатите 29 лица ќе бидат вработени во Министерството за одбрана и тоа дел од нив ќе останат во работен однос во МО, а за дел врз основа на понатамошните потреби на други државни институции и заемната согласност и на институциите и на лицата кои партиципираат постои можност да бидат преземени во други државни институции.

Овие лица ќе добијат вработувања во непосредна близина каде што имаат постојано живеалиште, а работните места каде што ќе бидат вработени се врз основа на степенот на нивното образование, исполнетост на законските услови и професионалното искуството кое го поседуваат. 

Инаку, се работи за лица коишто го исполниле професионалниот договор за служба во АРМ и со навршување на старосната граница од 35 односно 38 години, тој договор престанал да важи и потоа останале невработени, а врз основа на Законот за служба во АРМ поднеле барања за вработување во државните институции.