Македонија
4. December 2015 - 14:55

Трајановски во посета на дневниот центар за лица со попреченост

Отворениот ден во дневниот центар за лица со попреченост во Капиштец кој се организира во рамки на активностите на центарот за одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост денеска го посети градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

За континуираната поддршка и залагања претставниците на Дневниот центар Порака доделија благодарница на Град Скопје, која ја прими градоначалникот Трајановски.

 - Со отворањето сервисна служба за поддршка на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во локалната заедница, Град Скопје ги потврдува своите заложби за обезбедување подобри услови за лицата со посебни потреби и воедно се надоврзува на приоритетот на Министерството за труд и социјална политика за развивање на мрежата на дневни центри за лица со интелектуална попреченост. Токму затоа е потребно да се поддржува работата на постојните и да се отвораат нови, истакна Трајановски.

Град Скопје во континуитет ја поддржува работата на двата дневни центри за лица со попреченост во Скопје, кои се отворени како резултат на заедничката иницијатива на Градот Скопје со Министерството за труд и социјална политика и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ Скопје.

Благодарници за поддршката што ја даваат за вклучување на лицата со интелектуална  попреченост во секојдневниот живот на заедницата, на градоначалникот  Коце Трајановски и на Градот Скопје им доделија  и „Добредојде – Macedonia Welcome Centre”.

Отворениот ден има за цел подигнување на степенот на познавање и разбирање на потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и да се зголеми свеста за позитивните придобивки од нивното вклучување во секојдневниот живот на заедницата.