Македонија
25. November 2015 - 16:29

Трајановски: Наместо да бара оставка, СДСМ нека нуди решенија за градот Скопје

Наместо да обвинува и да бара оставки, СДСМ треба да предложи конкретни решенија за градот Скопје. Градоначалникот Коце Трајановски одговори на вчерашното барање на опозицијата да замине од својата функција бидејќи и со новиот буџет главниот град ќе продолжи да се гуши во загаден воздух. Трајановки потенцираше дека градот Скопје во рамки на своите ингеренции континуирано прави и ќе продолжи да прави максимални напори за намалување на загаденоста кои даваат резултати.

„Само треба да се запрашаме колку булевари се проширени со кои е зголемен протокот и намалено е загадувањето, колку се направени зелени површини и колку паркови се прават во моментов во Градот Скопје како никогаш досега што не се направени, колку дрвца се засадени по булеварите секоја есен и пролет, еве и оваа есен ќе имаме 5000 и на пролет уште 5000 засадени дрвца, колку нови камиони и канти се набавени кои ја зголемуваат хигиената во градот Скопје“ рече градоначалникот Коце Трајановски.

Поднесените амандмани на СДСМ за зголемување на велосипедските патеки и за гасификација на средните улилишта  првиот човек на Скопје ги оцени како неосновани, бидејќи на такви проекти се работи години наназад. Досега се гасифицирани 4 средни училишта, а во следната фаза ќе бидат опфатени уште 7, додека за унапредување на велосипедската инфраструктура, градот го промовираше новиот проект „Скопје вело-град 2017“.

Советот на Град Скопје на вчерашната седница го усвои предлог-буџетот за 2016-та, кој изнесува 6,9 милијарди денари, средства наменети за капитални проекти во сите 10 скопски општини.