Македонија
11. August 2020 - 16:49

Трагедија во Миравци, се удави рибар

Трагично заврши вчерашното рибарење за 56-годишен жител од гевгелиското село Миравци. Тој го загуби животот откако паднал во водите на Вардар додека ги местел рибарските мрежи. Немилиот настан се случил во доцните попладневни часови на месноста викана Три тополи во близина на селото Миравци. 56-годишниот човек на риболов отишол со уште едно лице од истото село, но во еден момент додека ги местеле мрежите тој паднал во реката.

„Додека В.М 19-годишен и В.Ѓ 56-годишен, двајцата од с.Миравци, местеле мрежи во р.Вардар, В.Ѓ. паднал во водите на реката и потонал. Во 19.15 часот тој бил понајден и извлечен од реката. Од страна на лекар од Итната медицинска помош Гевгелија била констатирана смрт. Увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од полициската станица Гевгелија. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција,“ вели Хризантема Рендевска, портпарол на СВР Струмица.

Од страна на лекарскиот тим кој пристигнал на местото на настанот било констатирано дека нема траги на насилство, но за сега нема информации која е причината поради која дошло до давење и дали во критичниот момент лицето имало и некои здравствени проблеми. Одговорите на сите прашања ќе треба да ги дадат резултатите од обдукцијата.