Македонија
29. November 2024 - 12:01

Тошковски: Уапсени осум лица за инцидентите со македонското знаме

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес конференција изјави дека вчерашните инциденти со палење, кинење и обид за симнување на македонското знаме на Денот на албанското знаме се директен напад врз македонската држава.

- Нема да дозволиме ваков тип на дејствија да подгреваат меѓуетничка тензија во Македонија, она кое што го говоревме, дека има најави и има обиди кои ќе подгоруваат меѓунационална нетрпеливост. Македонската полиција покажа зрелост, професионалност, и одговори соодветно на сите предизвици - кажа Тошковски.

Уапсени се осум лица, меѓу кои еден е малолетник. Станува збор за млади лица во дваесетите години. Сега се наоѓаат во полициска станица, а по итна постапка ќе бидат изведени пред суд.

- Во текот на вчерашната вечер се уапсени осум лица, од кои четири поради тоа што сториле прекршок ''учество во тепачка''.  Други четири лица се уапсени поради тоа што за нив имаме основано сомнение дека сториле кривично дело број 319 од Кривичниот законик, кое што се однесува на ''предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост'', каде што е предвидена минимално една година казна затвор, и ќе бидат поднесени кривични пријави, изјави министерот.

Потенцира дека службите ќе постапуваат и во текот на денешниот, утрешниот ден, се додека не се констатираат сите оние за кои има соодветни докази дека сториле кривично дело, особено кривично дело кое гази по достоинството на македонскиот граѓанин. Додаде - ,,сите сторители имаат имиња и презимиња и ќе одговараат''.

- Уште еднаш сакам да упатам порака до сите оние кои се на ум да предизвкаат било какво сценарио за дестабилизација на државата. Жестоко и сурово ќе одговориме на ваквите обиди, рече Тошковски. 

Ново на Сител