Македонија
25. January 2020 - 16:36

Тоше е роден на денешен ден пред 39 години, активности во негова чест низ цела Македонија

Со пригодна музичка програма, рецитирање на поезија, ликовни перформанси и изложби во неговата Спомен куќа денеска во Крушево беше одбележан 39-тиот роденден на Тоше Проески. Tрадиционално за сите посетители пак на неговиот гроб се делеше и торта, едната направена од неговите родители, а една од фановите од Бугарија. Освен од Балканот имаше туристи и од Русија.

„Македонија денес треба да има празник, бидејќи се родил Тоше Проески тука во Крушево и преку својата музика, преку своите песни шири љубов не само на Балканот, туку и во светот“, изјави Оксана Данаилова, фан на Тоше од Бугарија.

„Јас многу го сакам Тоше, дојдов тука специјално од Москва за роденденот. Неговата музика прв пат ја слушнав во Црна Гора и од тогаш не можам да се разделам од него“, Арина Сидоркина, фан на Тоше од Русија.

Тоше секогаш ќе остане во сеќавање како човек со најголемото срце на светот кој ги сакаше сите. Во негова чест се одржа и крводарителска акција.

„Тоше секогаш ќе остане позитивна и најголема личност во светот, друг човек нема да се роди како Тоше Проески“, кажа Ванѓу Хасаноски, другар на Тоше

„Тоше имаше некоја вонземјанска моќ да ги обединува љуѓето. Тоа покажуваат концертите во Сараево, во Тузла, каде што Тоше на стадион ги обедини сите кои година, две или три пред тоа се гледаа преку нишан“, рече Јане Андрески, жител на Крушево.

На неговиот гроб беше положено свежо цвеќе, а конечно од декември лани започна и изградбата неговиот нов гроб кој треба да биде готов за неколку месеци. Во објектот чија основа е во форма на крст се предвидени и гробни места и за неговите родители.

„Објектот од надвор, идејното решение изгледа како во една негова препознатлива физичка положба каде што е со двете припоени, малку одделени раце како да се моли. Од сите страни кога ќе се погледне буквално ќе се гледа како да се две припоени раце што се молат“, истакна Тома Петроски, претседател на Совет на О. Крушево.

Новина годинава во Спомен домот беше тоа што се постави реплика од неговата облека кој тој ја носеше на евровизискиот настап.

„Посетеноста ни малку од година во година не опаѓа, напротив постојано имаме посетители како од нашата земја, така и надвор од границите на нашата земја. Се обидуваме да бидиме постојано интересни и актуелни“, додаде Елена Мирческа, директорка на Спомен дом Тоше Проески.

Инаку Спомен куќата останува убедливо најпосетениот музеј во Македонија со над 650.000 гости, од кои 30% од странство.