Македонија
24. July 2015 - 13:28

„Топол културен бран“ со многу содржини викендов

Манифестацијата „Топол културен бран“, што по осми пат се одржува ширум општините низ земјава, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија ќе им овозможи на граѓаните богат избор на настани од областа на културата.

Во општина Могила овој викенд пред платото на Домот на културата со почеток во 21 часот граѓаните ќе можат да проследат две филмски остварувања. Имено во сабота за младата популација ќе биде прикажан филмот „Antboy“, додека во недела пак, присутните ќе можат да уживаат во филмската комедија „Song’e Napule“.

Со цел промоција на новото туристичко лого, на 25 јули во Дојран граѓаните ќе можат да се забавуваат и да добијат награди во рамките на настанот насловен „Сликај се со логото на Дојран и добиј награда преку цел ден“. Настанот ќе започне во 18 часот на Градската плажа во Дојран и  ќе трае се до 20 часот, додека во недела ќе трае од 11 до 21 часот.

Сите оние кои викендов ќе се одлучат да бидат во општина Свети Николе во сабота ќе можат да присуствуваат на концертот на поп пеачката Елена Ристеска, штој ќе се одржи на  летната сцена на Градскиот плоштад во 21 часот.

Во општина Кочани во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“, во сабота на 25-ти јули ќубителите на хеви металот ќе можат да присуствуваат на концертот на  македонски бенд „Хроматикпоинт“ во кој членува и младиот гитарист од Кочани, Стефан Миладинов. Концертот ќе се одржи на летната сцена  на Центарот за култура „Бели мугри“ во 20 часот.

Фолклорните ансаблите од десет села во општина Брвеница: Долно Седларце, Милетино, Челопек, Блаце, Волковија, Радиовце, Теново, Стенче и Гургурница преку свои традиционални ора ќе го презентираат богатото културно наследство и традиции од овој крај. Концертот на фолклорните ансамбли ќе се одржи во сабота на 25-ти јули во Спортската сала Брвеница со почеток во 18 часот.

Богат културен викенд и за жителите на Пробиштип.  Во сабота на 25-ти јули граѓаните ќе можат да уживаат во песните на младата и талентирана пејачка Сара Мејс која ќе одржи концерт на Градскиот пазар. Додека пак, во општина Новаци прекрасниот амбиент на манастирот „Св.Никола Чудотворец“ во Суводол во општина Новаци во 19 часот етно групата „Дамарите чалгија оркестар“ на граѓаните ќе им овозможи да уживаат во звуците на македонската етно музика.

Во домот на култура „Бранд Петрушев“ во општина Богданци во сабота во 21 часот, македонскиот џез бенд Sethstat на публиката ќе и понуди оригинално патување во светот на џез музиката преку концерт насловен „Џезот во Богданци“.

Со концерт на популарната пејачка на народни песни Сузана Спасовска, на Градскиот плоштад  во Крушево во сабота во 20 часот свечено ќе биде отворена манифестацијата „Крушево етно град“. Веќе наредниот ден, на 26-ти јули во 12 часот во Градскиот парк, ќе се одржи саем под мотото „Домашно е, од Крушево е...“ што вклучува презентација на домашни, традиционални и еколошки производи од Крушево, а во 20 часот на Градскиот плоштад ќе  се одржи промоцијата на проектот „Денови на влашка култура“.

Жителите на Берово и Малешевијата овој викенд ќе имаат можност да се насмеат и да се развеселат со комичниот стенд ап перформанс на актерот Сашко Коцев што ќе се одржи во салата Бизнис инкубатор во 21 часот.