Македонија
20. October 2016 - 14:29

„Топлик“ и „Тендери“ нови случаи на СЈО, Јанева и денеска во УБК

„Топлик“ во врска со продажбата на градежната парцела за изградба на резиденцијалната насeлба „Сончев град“ и „Тендери“ за изведување градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје, се двата нови случаја на Специјалното јавно обвинителство кое денеска ги објави на прес-конфернција обвинителката Фатиме Фетаи.

На прес-конференцијата беше истакнато дека за вкупно девет осомничени во двата случаja, СЈО нема да побара од судот мерка притвор, туку мерки на претпазливост односно за нивно обезбедување.

Инволвираните, рече Фетаи, сториле кривични дела со кои директно го оштетиле Буџетот на Република Македонија и ги повредиле обврските од Законот за јавни набавки.

За предметот „Топлик“, информира обвинителката Фетаи, постои основано сомнение дека од 03.04.2017 година до 18.02.2014 година првоосомничениот како раководно лице од Министерството за транспорт и врски и пет службени лица на Комисијата за јавни наддавање како соизвршители ја злоупотребиле службената положба и нанеле штета на Буџетот во износ од 64.201.839 денари или 1,044 милион евра. Според доказниот материјал, појасни, и покрај одредени законски недостатоци, во однос на условите за објава за јавно наддавање, на 14.05.2007 година спроведено е јавно наддавање по што на 08.06.2007 година е склучен договор за продажба на градежното земјиште со правното лице „Сан Сити Дел“ - Скопје.

Овој договор на 20.07.2011 година со судска спогодба склучена помеѓу Министерството за транспорт и врски и Сан Сити Дел“ бил раскинат бидејќи правното лице поради суштинските недостатоци кои биле констатирани не можело да го спроведе договорот. 

- Поради раскинување на договорот по вина на Министерството за транспорт и врски, истото се обврзало на износ од 223.954.780 денари главен долг кој целосно е  вратен на правното лице, да исплати и затезна камата. По тој основ од сметката на Министерството е исплатена затезна камата во вкупен износ од 64.206.839 денари, изјави Фетаи.

Во предметот „Тендери“, појасни Фетаи, од прибавениот доказен материјал постои основано сомнение дека од 14 јуни 2011 година до 31 декември 2013 година во Скопје првоосмничената како раководно службено лице од Министерството за култура и тројца осомничени членови од Комисијата за јавни набавки во ова Министерство ги искористиле службените овластувања правното лице Бетон - Штип обезбедувајќи негово фаворизирање за изведување завршни градежни работи на Музејот.

- Договорот што е склучен е во вредност од 62.480.543 денари односно околу милион евра. Врз основа на овој договор на сметакат на Бетон-Штип заклучно со 31 декември 2013 година е исплатен износ од 54.501.336 денари, појасни обвинителската Фетаи.

На денешната прес-конференција не присуствуваше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која и денеска со други обивнители се наоѓа во УБК.

Во врска со случувањата во УБК, обвинителката Ленче Ристовска информира дека од Основниот суд Скопје 1 - Скопје СЈО прибавило две судски наредби. Едната, како што рече, била за одземање службена документација од УБК која се однесува на сите издадени посебни истражни мерки во врска со следење на комуникациите и на книгите за евиденција на ваквите мерки, а другата е наредба за претрес на комјутерски систем и компјутерски податоци.

- Дозволено е да се изврши претрес на систем и податоци кои се круцијални за нашата работа. Податоци врз основа на кои може да се утврди кои се броеви биле следени. Се работи за два система од кои треба да се извлечат податоци. Едниот е главниот во УБК, а другиот е помошен, појасни Ристовска.

Таа информира дека откако е добиена судската наредба од страна на СЈО вчера била побарана асистенција од СВР - Скопје. 

Таа изрази загриженост што државна институција бара изговори да не се спроведе судска наредба, наместо да се изнајдат начини како таа судска наредба да се спроведе.

Ристовска рече дека нивни истражители остануваат во УБК и вршат увид во материјалите.

- По наредбата за одземање на документација и на книгите за евиденција веќе се постапува и наши истражители вршат попис на сите наредби, ги попишуваат со потврда за одземени предмети и потоа ќе следи и одземање на книгите за евиденција. Веќе се постапува по тоа, рече Ристовска.

Истакна дека и натаму се соочуваат со проблеми во однос на втората наредба, посочувајќи оти изутрината нивните истражители и обвинители привремено биле оневозможени да влезат во МВР и да ги заменат своите колеги кои ноќта ја минале во УБК.

Ристовска меѓу другото информира дека вчера биле известени оти постојат пречки да се прибават податоците од системот за следење на комуникации затоа што единствените две лица кои имаат пристап до тој систем, не се во државата. Потенцира дека СЈО не бара податоци за тековни посебни истражни мерки, ниту сакаат, рече, да направат упад во безбедносниот систем во државата.

- Наш интерес е токму институциите од таков карактер да работат професионално и законито и за она што се случи изминатиот период да добиеме правна разрешница, рече меѓу другото обвинителката.

Додаде оти СЈО знае дека дел од помошните системи не се во сопственост на МВР, туку се во сопственост на телекомуникациските оператори во Република Македонија и мобилните и фиксните оператори.

- Точно знаевме дека тие системи кои не се во сопственост на МВР се наоѓаат во просториите на Министерството.  На МВР останува да објасни нешто што не е во ваша сопственост, што бара кај вас дома, изјави Ристовска.

На новинарско прашање дали се контролираат влезовите и излезите од МВР, како опасност да се изнесат некои материјали, обвинителката Ристовска посочи дека СЈО не може да ги контролира влезовите и излезите на МВР во чиј круг е лоцирана и УБК. Порача дека е јасно оти уништувањето на службена документација и податоци се кривични дела сами по себе и изрази надеж дека во тие институции работат професионалци и во СЈО очекуваат тие податоци да не бидат уништени во овој меѓу период.