Македонија
3. јуни 2016 - 14:43

Тодоров во Софија на состанок со колегите од Централна и Источна Европа

Министерот за здравство Никола Тодоров, придружуван од директорката на Агенцијата за лекови и медицински помагала, Марија Дарковска-Серафимовска, денеска учествуваше на работниот состанок на министрите за здравство од земјите од Централна и Источна Европа, што се одржа во Софија, Република Бугарија. Состанокот е посветен на растечките предизвици во областа на фармацевтската политика.

На состанокот, соопшти Министерството за здравство, беше усвоена т.н. Софиска декларација, за обезбедување адекватен пристап до фармацевтски производи со одржливи и достапни цени. Примарната цел на Декларацијата е да се овозможи заеднички настап на овие држави со цел обезбедување поголема достапност на лековите, како и обезбедување лекови по поповолни цени.

Декларацијата усвоена денеска, претставува платформа за понатамошна забрзана соработка во областа на фармацијата, а пазарот во овие држави опфаќа население над 100 милиони граѓани. Процесот се очекува да се заокружи во текот на следната година, стои во соопштението.

На маргините на состанокот, како што се наведува, министерот Тодоров имаше средби со министрите за здравство од Република Хрватска и Република Словачка, со кои разговараше за повеќе можности за унапредување на меѓусебната соработка на државите. Со министерот за здравство на Република Хрватска, д-р Дарио Накиќ беше разговарано за продлабочување на соработката на полето на едукациите и специјализациите. Словачкиот министер Томаж Друкер покажа интерес за повеќе проекти на Министерството за здравство, меѓу кои системот „МојТермин“, како и упатувањето на пациенти од едно на друго ниво на здравствена заштита.

Во попладневните часови е предвидена средба со домаќинот, министерот за здравство на Република Бугарија, Петар Стефанов Москов, се вели во соопштението.