Македонија
11. January 2021 - 17:01

Тодоров преговарал широка коалиција, Јанкуловска тврди дека настаните во Собранието ги следела преку телевизија

Никола Тодоров пред случувањата во Собранието на 27 април преговарал за широка коалиција за брза интеграција на Македонија во Европската унија и НАТО. Ова го откри поранешниот министер при сведочење на рочиште за случајот 27 април.

Според него, најголем губитник од настаните во Собранието биле ВМРО-ДПМНЕ и државата. Вели дека СДСМ била физичка, а ВМРО-ДПМНЕ политичка жртва. Според Тодоров, партијата поради 27 април загубила 70 до 100.000 гласови, кои тешко можат да се надоместат.

Поранешниот прв човек на здравството рече дека неговата партија не била организатор, ниту била вмешана во организацијата на протестите на Иницијативата „За заедничка Македонија“. Според него, ништо не наговестувало дека вечерта ќе се случи нешто, бидејќи во собранието пратениците биле договорени расправата да заврши во 18 часот.

Протестите не добиле формална поддршка од ниту едно тело на ВМРО-ДПМНЕ, сведочеше поранешната министерка Јанкуловска. Рече дека ниту Извршниот, ниту Централниот комитет никогаш не дискутирале или одлучувале за протестите. Сепак, вели дека во приватната и неформална комуникација членовите на партијата често знаеле да ги коментираат случувањата на протестите.

Јанкуловска вели дека целиот ден била во партиското седиште. Дома се вратила околу 17 часот, а на Телевизија видела дека протестирачите влегле во Собранието.

Адвокатот на одбраната Еленко Миланов вели дека сведоците јасно укажале оти партијата не е организатор на случувањата на 27 парил.

Обвинителството, пак, тврди дека ВМРО-ДПМНЕ стои позади настаните во Собранието.

Рускоска рече дека упадот на демонстрантите во Капитол Хил во САД многу наликува на 27 април.

На денешното рочиште сведочеа повеќе поранешни и актуелни функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Обвинителката Рускоска рече дека упадот на демонстрантите во Капитол Хил во САД многу наликува на 17 април.