Македонија
10. January 2017 - 17:05

Тодоров: Интензивно се работи на реконструкцијата на Старата градска болница

Интензивно се работи на реновирање на Стара градска болница. По 80 години комплетно ќе биде реконструира внатрешноста на Клиниката за хируршки болести св. Наум Охридски.  Собите, ходниците, операционите сали ќе добијат комплетно нов изглед.  Ќе се подобрат условите и за пациентите и за вработените.

-Реконструкцијата ќе чини два милиони евра и е дел од големиот инвестициски циклус за реконструкција на здравствени установи во вредност од 74,6 милиони евра со кои се опфатени поголем број здравствени установи во државата, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.

Реконструкцијата треба да заврши до крајот на годината. Кога ќе се реновираат операционите сали три месеци болницата нема да работи, а медицинскиот кадар ќе биде прераспределен во другу здравствени установи.

- Во моментов во завршна фаза на реконструкција е третиот кат, а кога градежните работи ќе се префрлат на подолните спратови каде што се операциските сали, Универзитетската клиника по хируршки болести нема да работи три месеци, изјави д-р Јасминка Чабуковска-Радуловска, директор на Клиниката за хирурски болести св. Наум Охридски.

Во меѓувреме болницата постојано се модернизира со нова медицинска опрема, а кадарот се доусовршува во еминентни странски болници. Како резултат на ова само во оваа здравствена установа во последните три години се воведени 72 нови методи или процедури во лекувањето на пациентите.