Свет
4. February 2017 - 14:44

Тимошенко: Трамп ми вети дека нема да ги укине санкциите кон Русија

Поранешната украинска премиерка, Јулија Тимошенко, тврди дека американскиот претседател, Доналд Трамп, во текот на приватен состанок со неа, на маргините на Молитвениот појадок, што во четвртокот се оддржа во Вашингтон, и ветил дека САД нема да ги укинат санкциите кон Русија, се додека Москва не се повпече од Украина, јави Танјуг. 

Сајтот Политико.еу, повикувајќи се на наводи на луѓе кои го слушале обраќањето на Тимошенко на собирот на фондацијата „Херитиџ“ и институтот „Хадсон", оддржан по Молитвениот појадок, пренесува дека Тимошенко одржала кратки средби со Трамп и потпретседателот на САД, Мајк Пенс.

Неименуван извор, кој разговарал со поранешната украинска премиерка по нејзиниот состанок со  Трамп, наведува дека таа „од кусата средба очи во очи со Трамп дефинитивно дошла  донекаде помирна во врска со целата ситуација“.

Според тврдењето на Тимошенко, за кое Политико.еу наведува дека сега е пратеничка која му се спротивставува на претседателот Петро Порошенко, Трамп ја уверил дека „нема да ја напушти“ Украина.

Иако во текот на предизборната кампања Трамп наведуваше дека сака да размисли за ублажување на санкциите кон Русија, Тимошенко рече дека шефот на Белата куќа ја уверил дека нема да направи таков чекор се додека Русија не се повлече од Украина.

Сајтот наведува дека не е јасно дали Трамп мислел на повлекувањето на руските сили од Крим.