Балкан
30. May 2021 - 10:58

Тигањ: Македонија спроведе болни реформи, заслужува отворање преговори за членство во ЕУ што е можно побрзо

„ Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина беа и болни. Затоа сметаме дека Македонија заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо. Би сакале тоа да се случи уште за време на португалското претседателство – да се одржи првата меѓувладина конференција, односно формалниот почеток на пристапните преговори“, изјави во интервју за МИА амбасадорката на Хрватска во Македонија, Нивес Тигањ.

Тигањ за МИА вели дека Хрватска го поттикнува и поддржува дијалогот меѓу Македонија и Бугарија за изнаоѓање решение. Таа додава дека е потребно и продолжување на реформскиот процес, со консензус на сите политички сили во државата.

– Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија. И Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно имавме еден политички консензус, сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија, вели хрватската амбасадорка во интервјуто за МИА.

Хрватската амбасадорка Тигањ подвлекува и дека европската перспектива на регионот е несомнена и оти ЕУ е посветена на политиката на проширување на Западниот Балкан.