Македонија
5. December 2019 - 16:36

Тетовчани дишат чист воздух само 2 месеци годишно и викендов протести за воздухот

Од 365 дена скопјани половина, а тетовчани речиси во текот на целата година дишат загаден воздух. Извештајот на Еуросаи за квалитетот на воздухот покажа дека во Тетово дури 293 денови загадувањето ја надминува максималната граница од 50 микрограми на метар кубен штетни ПМ честички, а во Скопје ова се случува 162 дена во годината. Според овие бројки сме лидери во Европа, а експертите тврдат дека тоа предизвикува зголемен број на сериозни заболувања и згаснување на се повеќе човечки животи.

Извештаите пак на Светската здравствена организација покажуваат дека во Македонија околу 2.500 луѓе умираат предвреме секоја година како директен резултат на загадувањето на воздухот. Според пулмолозите аерозагадувањето најмногу ги погодува хронично болните.

-Аерозагадувањето доведува до акутно влошување на хроничната болест. Се препорачува тие луѓе да носат маски кога излегуваат надвор, а воздухот е загаден, изјави проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија.

Експертите за животна средина алармираат, доколку не се преземат конкретни мерки за почист воздух од година во година ќе се губат се повеќе човечки животи.