Македонија
11. August 2016 - 17:38

Тешка механизација работи на расчистување на штетите - Стајковци затворено за моторни возила

Стајковци се рехабилитира дел по дел . Кал и отпад во тони се изнесува со камиони од селото. Само механизација минува низ улиците во најзагрозените маала. Багери, кипери, цистерни од државни, приватни и странски институции помагаат во расчистувањето на теренот. Повеќето улички се тесни и густо населени  па затоа отежнат е пристапот со машини до нив. Онаму каде нема услови од насобраниот талог од кал се чисти со лопати и приколки се изнесува од дворовите и од пред куќите на поплавените. Војската, работниците од јавните и приватните претпријатија добија засилување и од организации и служби од цела Македонија но и пошироко. 

Жителка од улица 15 куќа број 16  во Стајковци бара повремен престој бидејќи е со мали деца и болна сестра. Вели до сега никој не и помогнал. Четврти ден спијат во кал и загрижена е за децата кои почнале да повраќаат. Екипата на Сител ја спроведе до пунктот каде се сместени медицинските лица, но најнеопходно им е привремено да најдат друго преноќИШТЕ.

Онаму каде е веќе расчистено се дезинфицира а екипити на ЕВН речиси секаде направиле увид и  приклучиле  електрична енергија во оние домаќинства каде има услови. Жителите се сеуште во шок од водената катастрофа. Некои прават насипи околу дворовите плашејќи се да не ги зафати нова поплава по најавата за дождови. Дел задоволни од сработеното, дел нервозни што камионите за отапад сеуште не го натовариле отпадот од нивните дворови, иако свесни дека се работи етапно  почнувајќи од најкритичните улици.

Голем број самостојно организирани граѓани преку фејсбук  дојдоа на помош во Стајковци. Носат  храна, облека, лекови но и помагаат во расчистување на калта од куќите. Најнеопходни им се хигиенски средства, чорапи и чевли велат волонтерите. Пакетите помош ги носат на раце пеш од обиколницата се до погодените семејства.

Меѓу нив забележавме и малолетни деца жители на околните населби. Во координација со кризниот штаб носат се што е потребно кај соседите чии куќи се целосно уништени.

Проценителите се поделени во повеќе групи но граѓаните бараат што поскоро да се направи увид бидејќи предолго чекаат со покиснатата покуќнина и се што е уништено исфрлено во дворовите.