Свет
13. July 2016 - 12:18

Терористите како систем

Нови лист - Ријека

Можете ли да замислите некој министер за надворешни работи на некоја сериозна држава од „истокот‟ или „југот‟ на планетата, членка на ОН и сите средони организации на планетарниот систем, мртов ладен да побара да биде убие легален претседател на некоја друга држава, но „западна‟, заедно со членовите на неговото семејство. И тоа се во рамки на своите овластувања, позицијата и политиката на земјата во која порачателот на убиството е министер или дури премиер. А причините притоа се сосема прагматични. 

Тоа ете, би помогнало на некој нивен стратешки партнер да се ослободи од некои маки, или да речеме, би решил некој енергетски проблем, можеби малку ќе се рассели немирното население или само така, би се отворил простор да се доведе на власт соодветно џуџе наместо непослушен лидер кој не игра по командите од надвор.

Хипотетичка варијанта во самиот старт се чини целосно невозможна, да не кажам идиотска. Зошто? Па, едноставно затоа што ваквата идеја во старт би била означена како класичен меѓународен тероризам со сите консеквенци кои следат: Дефиниција за злосторство – пресуда – удар со цело вооружување против злосторникот од историски размери. Точка!

Акцијата се изведува во име на планетарниот систем и поредок, меѓународната правда, глобалната одбрана на човековите права, елиминација на злото. Ламентирањето над карактерот, мотивите и евентуалниот психолошки профил на налогодавецот „терористот‟, министер или дури претседател од „истокот‟ или „југот‟, се остава на книжевноста или медицината за подоцна, некогаш, кога небулозен чин ќе се пресели во историјата, или во заборав.

Она што вака неверојатно замислено не може да се случи на релација на „примитивниот‟ исток т.е. југ и „цивилизираниот‟ запад, се случува веќе со децении во обратна насока. Еве и според извори и документи од западот.

Пред некој ден Викиликс пушти во јавноста над илјада приватни меилови на Хилари Клинтон што таа, како државен секретар на САД ги праќала во период од 2009 до 2013 година. Од нив сосема прецизно се чита порака дека треба „да се уништи Сирија, да се доведе во опасност и да се загрози животот на Асад и неговото семејство преку закани или употреба на сила... ‟.

Овој политичко-силеџиски еуфемизам за „загрозување на животот со употреба на сила во практичното функционирање на системот на кој дотичната госпоѓа била на чело се вика – Асад и семејството треба да се убие! Впрочем, содржината на наведените меилови така ја преведе и британскиот весник ‘Индепендент’, кој прв ја објави приказната за овие пораки.

Заиграност на опасно амбициозната Хилари Клинтон во овој случај е толку болна што не сметала ни дека работата треба да оди по заштитени канали на комуникација, а произлегува од фактот дека не се работи за преседан. За Садам Хусеин и Гадафи, за дроновите и убиствата на цивилите ширум светот и да не зборувам, нејзината предлагана операција веќе стана рутина. А нејзиното ликување пред ТВ камерите над масакрираниот Гадафи веќе помалку е легендарно.

Зошто не успеа со Асад како што бараше, тоа е друга приказна. Со нешто помало насилничко лудило и само малку повеќе мудрост во „штапските соби‟ тогаш би имало и повеќе шанси за резултатот каков што го сакаа. Меѓутоа, мудроста одамна веќе не постои на таа и на такви адреси.

Веројатно затоа што во комплетното тамошно поимање на меѓународното право и поредок се надоградува само злосторски употребена сила доживувана како право и должност на „посебните‟. Во целосно извртен систем на планетарни вредности наспроти тоа во што политичките џуџиња наоколу се уште лажно и додворувачки се заколнуваат, повторувајќи ја својата „посветеност на демократијата и човековите права‟, Хилари Клинтон најверојатно за награда ќе ја преземе функцијата на лидер.

Индустријата на лежерно убивање на претседатели и нивните семејства или кој било кој не им се допаѓа и финансиските монструми кои ја хранат таа индустрија, мислат дека веќе ги истренирале поданиците кои тоа ќе го прифатат како готова работа. 

Како што стојат работите, веројатно и ја прифатиле. Да не е така, ни Тони Блер, поранешнен британски премиер и потрчко на Буш, во операцијата за убивање на Садам и милиони цивили врз основа на конструирано лажно обвинение, не би го прифатил обвинението со толкава смиреност. Тој добро знае дека во постоечкиот поредок тој не е злосторник туку претставува „систем‟. Дури и кога би одлучиле да биде пример за мачкање на очи на светот, пресудата нема да отвори суштинска драма на целосно бесмислената т.н. меѓународна правда во која „кадија те тужи, кадија те суди‟.

Ова не беше непознато ни во времето на ликвидацијата на „источните‟ претседатели и нивните семејства, по налог на „борците за демократија и човекови права‟. Впрочем, укажувањето на нивната судбина тука и не потекнува од потребата да се зборува за поединци, ни кога се терористите ни кога се жртвите во прашање. Се пишуваше за суштинска тема на урнатиот поредок и во времето на т.н. арапски и други монтирани „пролети‟, што се завршија со најстрашни зими и мраз кој ќе остане додека треба.

Тоа не беше нејасно ни кога таа „борба против диктаторите‟, целно, плански и партнерски породи тероризам и терористи. Кога животната бесмисла ја преточи во смисла на живот на многумина од крајните маргини на цивилизацијата. Кога ја декомпонираше Европа покренувајќи милиони во егзодуси што раѓаат тектонски пореметувања меѓу општествата и понижените поединци.

Пишуваа поединци, по некои новинари и ретки портали за сето тоа на време. И на овие простори. Но, тие не беа ни систем, ни министерство за лаги, манипулации и измами ни тогаш ни денес. За системите се регрутирани тие што претходно се општествено и политички лоботомирани и замешани како такви во масите.

Затоа денес за многумина е идиотски да помислат дека државните налози какви што ги даваа Буш, Блер, Х. Клинтон и слични, а ги следеа малку послушници, се всушност брутално насилство над животи се до тероризам. Со кое право? Со легализирано право на сила која сами на себе ја доделија.

Сосема поедноставено кажано, ваквата Хилари и слични на неа (таа беше само силеџиски настроена и невнимателна, па дозволи да ја откријат) ќе бидат „легализирани‟ како систем и мерки на нашата светска реалност, со помош на гласовите на своите „посебни‟ поданици. Или некој ќе најде сили и начин, вака или така да ги реафирмира барем тие елементарни вредности некогаш одамна запишани во Повелбата на Обединетите нации и макар да ги прочита од време на време, присетувајќи се и себе и своите деца.

Многу разумни ќе кажат дека дилемата е наивна и несериозна во вакви сериозни времиња на молчење и „виткање на кичми“. Секако и од ваквите дилеми може да се направи бизнис. Вносен па и смртоносен, значи крајно профитабилен.