Живот
16. November 2015 - 10:40

„Терминаторот“ во кампања за спас на африканските слонови

Холивудската ѕезда Арнолд Шварценегер се приклучи кон кампањата за спас на африканските слонови, кои се чести жртви на ловокрадците поради вредноста на нивните бивни - издолжените заби.

Популарниот „Терминатор“ се појави во ново видео, каде стоејќи пред воено возило, држи бивна и повикува на „прекин на масакрот врз слонови“. Во следниот момент од видеото бивната е разнесена со експлозив.

- Да го прекинеме убивањето еднаш засекогаш, порача 68-годишниот актер, во видеото снимено на барање на Друштвото за заштита на диви животни со седиште во Њујорк.

Во соопштението на Друштвото се наведува дека оваа година осум земји, вклучувајќи ги Кина, САД и неколку африкански држави, јавно уништиле повеќе од 42 тони слонови коски.

Вашингтон и Пекинг минатиот септември се обврзаа на соработка во воспоставувањето целосна забрана на трговијата со слонови коски.