Свет
2. July 2016 - 14:19

Тереза Меј главен фаворит за наследник на Дејвид Камерон

Министерот за внатрешни работи Тереза Меј е главен фаворит за наследник на Дејвид Камерон, типуваат лондонските весници.

Позициите на Меј значително се засилија откако зад неа застанаа мнозинството од пратениците на Конзервативната партија, како и проториевскиот „Дејли Мејл“, весник што е мошне влијателен меѓу гласачите на оваа партија.

Седум министри во актуелната влада, како и водечките конзервативни политичари агитираат за нејзиниот избор за лидер на партијата и нов британски премиер.

Според „Дејли Мејл“ таа би можела да победи уште во првиот круг од внатрепартиското гласање, што се оценува како важно, за побрзо санирање на состојбите во длабоко поделените ториевски редови.

Нејзините подржувачи сметаат дека само таа нуди стабилизација, смирување на тензиите и мирна транзиција, претставувајќи ја како „мирно пристаниште за оштетениот брод на конзервативците, што помина низ силна бура“.

Медиумите во Лондон откриваат дека врз министерот за правда Мајкл Гоув, се врши силен притисок да ја повлече својата номинација и да застане зад кандидатурата на Меј.

Тој неочекувано се номинира за изборната трка, во последниот момент, вртејќи му грб на својот сојузник и главен партнер во референдумската кампања, Борис Џонсон, кој до одлуката да не се кандидира, важеше за главен фаворит за наследник на Камерон.

Јавните дисквалификации за Џонсон, што ги направи Гоув, иако без него, тој самиот немаше да се избори за Брегзит, во британската политичка јавност се означуваат како „големо политичко изневерување“.

Пратениците-конзервативци и подржувачите на Џонсон, одбиваат да застанат зад кандидатурата на Гоув. Околу 30 членови на Долниот дом од оваа партија, својата подршка сега и ја даваат на заменик министерот за енергија Андреа Лидсом, поранешен банкар, која силно агитираше за Брегзит.

Според проториевските весници, Лидсом сега е посилен кандидат од Мајкл Гоув и единствената која би можела да ја загрози Тереза Меј.