Македонија
31. July 2021 - 16:40

Теренска вакцинација и за втора доза во Струмица

Теренската вакцинација во струмичко ќе има и втор круг. Граѓаните кои првата доза ја добија во нивните населени места нема потреба за ревакцина да патуваат  до Струмица бидејќи и втората доза ќе ја добијат во местото на живеење. И покрај првичниот план, ревакцините да се аплицираат во просториите на здравствениот дом Струмица, од таму донеле одлука на терен да излезе уште една екипа која ќе биде задолжена за втората вакцина. Целта била да им се излезе во пресрет на граѓаните и да се олесни целиот процес на имунизација.

Од струмичкиот здравствен дом информираат дека освен за теренската расте интересот и за слободната вакцинација. Токму затоа пункот во спортската сала во училиштето  Никола Вапцаров нема да се затвора и од идната недела имунизацијата и  за прва и втора доза ќе продолжи на таа локација.

Во струмичкиот регион до сега се вакцинирале 15.500 граѓани. Од нив 12.500 ги примиле и двете дози. Со процесот на теренска вакцинација до сега биле опфатени 1118 лица.