Македонија
5. April 2019 - 16:11

Телата на починатите во авионската несреќа денеска ќе бидат транспортирани во Бугарија

Завршени се ДНК анализите на телата на загинатите во авионската несреќа на Солунска Глава, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Резултатите и официјално го потврдија идентитетот на жртвите – станува збор за четворочленото бугарско семејство Бошнакови, чии тела во текот на денов ќе бидат транспортирани во Бугарија.

Истрагата која е во тек треба да покаже дали ќе има потреба од вештачење на леталото и кои се точните причини за падот на Цесната.

Претседателот на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи Зоран Илиевски, информираше дека остатоците од авионот ќе бидат подигнати веднаш штом тоа ќе го дозволат временските услови.

Првичните сознанија за причините за падот треба да бидат познати за околу еден месец. Финалниот одговор за тоа што се случило на кобниот лет треба да го даде Комисијата за истражување на авионската несреќа, во која со своето искуство ќе помогнат и двајца бугарски истражители.