Бизнис
15. October 2018 - 19:37

Текстилците алармираат ако се продлабочи кризата ќе страда целата економија

Продлабочувањето на политичката нестабилност и евентуалните предвремени избори ќе будат погубни и за бизнисот и за економијата. Текстилците апелираат политичарите прво да мислат на државата, а потоа на партиите.

-Сегашната политичка криза влијае на договорите потпишани со нашите странски партнери и инвестирањето на компаниите. Во нестабилна политичка состојба ниту еден бизнисмен не се одлучува да вложува, да ги шири капацитетите и не размислува за нови пазари. Но, пострашно е ако политичката криза прерасне во безбедносна тогаш ќе ја немаме и оваа работа ќе имаме колапс на оваа индустрија, истакна претседателот на Здружението на текстилна индустрија во Стопанската комора Ангел Димитров.

Работодавачите очекуваат бројот на работници во секторот и во идина да се намалува. Причината за ова ја лоцираат во тоа што се помалку млади одлучуваат да се запишат во текстилните училишта.

- Бројот на вработени се намалува секоја година, од 43.848 во 2007-ма, сега се движи од 36.000 до 38.000. Ако ги споредиме бројот на вработени во август 2018 година со просекот во 2017 година кај производството на облека бројот на вработени е намален за 4,9 отсто, а кај производство на кожа за 5,1 процент, потенцира Димитров.

Единствена светла точка во текстилната индустрија е што македонските компании се уште се атрактивни за странските пазари. Најголема причина за тоа се близината, малите серии, високиот квалитет и пристапните цени.

Последната мерка од Владата за замрзнување на придонесите, според текстилците,  ќе биде најдобра од досегашните. Ќе овозможи повисоки плати за работниците без да се зголемат трошоците на работодавачите.