Македонија
19. October 2016 - 8:25

„Театар Комедија“ ќе промовира книга „Комедии“ од Венко Андоновски

„Театар Комедија“ вечер ќе ја промовира книгата „Комедии" од Венко Андоновски - прва во едицијата „Комедии" со која театарот ја почнува својата издавачка дејност.

- „Комедии“ е збирка на комедиите на еден од најпопуларните писатели на македонската литературна сцена. Овие верзии се сценските изведби на текстовите „За секого има по една" во режија на Владлен Александров и „Господарот на кукавицата" во режија на Андреј Цветановски, и двете праизведби на репертоарот на „Театар Комедија“, информира националната установа.  

Досега театарот има поставено шест праизведби на својот репертоар како дел од политиката за зајакнување на националната драматургија, со цел создавање фонд на македонски современи комедии и формирање своја едиција за издавање на македонските комедии поставени во „Театар Комедија“.

На промоцијата на книгата ќе се обратат Јелена Жугиќ - директор на „Театар Комедија“,  Лилјана Мазова - приредувач и промотор на книгата, и авторот - Венко Андоновски.

- По промоцијата публиката ќе има можност да ја купи книгата по промотивна цена и да добие оригинална посвета од авторот, а од 20 часот ќе може да се присуствува на претставата „Господарот на кукавицата" која имаше премиера на 14 декември 2015 година, соопшти „Театар Комедија“.