Македонија
13. January 2016 - 17:45

Ташевска Ременски: Разрешувањата на директорите се законски

Техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски тврди дека разрешувањата на 15-те директори на центри за социјални работи, заводи и дом се законски и се направени поради неисполнувањето на законските обврски за поднесување годишни финансиски извештаи до министерот и склучување менаџерски договор.

Таа на денешната прес-конференција информира дека ова било законска обврска и на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, тогаш министер, Диме Спасов, поради чие непочитување, како што информира, на 11 јануари поднела и кривична пријава против него, овојпат за несовесно работење во службата.

Ременски истакна дека Законот за социјална заштита предвидува оти министерот со избраниот директор склучува менаџерски договор со кој се утврдуваат правата, обврските и одговорностите при вршењето на раководната функција во јавната установа за социјална заштита.

Тоа, рече Ременски, министерот не го направил ниту по изборот на двајца директори на крајот на 2014, ниту по изборот на 26 директори во 2015 година иако секторот за правни работи го изготвил текстот на договорот и го доставил кај него на потпис.

Наместо да се затскрива зад разрешените директори Диме Спасов треба да одговори зашто не ја исполнил обврската и зошто ги довел во заблуда дека склучувањето на договорот е слободна волја, а не обврска.

Истакна дека непотпишувањето на договорите и случувањата околу тоа укажуваат, како што рече, дека Спасов води партиска битка и се става над занокот.

Одговарајќи на новинарско прашање министерката Ременски во врска со случувањата околу нередовната исплата на средства од Фондот за ПИОМ кон приватните пензиски друштва истакна дека на комисијата која била формирана да ги разгледа сите аспекти не и било дозволено да направи увид во ПИОМ, како и дека оттаму иако било побарано не биде доставени детални податоци од кои би се согледало кои биле причините тоа да се случи, дали неисплатата се провлекувала подолго време...

Исплата на 11 милиони евра кон пензиските друштва која се случи деновиве, истакна Ташевска Ременски, нема да ја избрише обврската зошто се случувало средствата да не се исплаќаат редовно, како и да се провери од кои средства таа е направена токму сега.

Потенцира дека Комисијата која требало да ги провери состојбите во Фондот во иднина ќе ги преземе сите средства да дојде до потребните одговори, вклучително и МАПАС и Министерството за финансии, но и поднесување прекршочни пријави.