Македонија
25. January 2021 - 14:14

Тарандилис: Грција како земја ги почитува договорите и меѓународните обврски

Независно од фактот што не се согласуваме со Договорот од Преспа, ние како земја ги почитуваме меѓународните обврски и договорите, рече портпаролот на грчката Влада Христос Тарандилис на денешниот редовен брифинг со новинарите кометирајќи ги вчерашните изјави на поранешниот премиер Андонис Самарас во врска со Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

-Господинот Самарас е поранешен премиер и неговите позиции за прашањата од надворешната политика се веќе долго време познати, рече портпаролот на грчката Влада одговарајќи на новинарско прашање за изнесените ставови на Самарас, како за односите со Турција, така и за намерата да не гласа за меморандумите со Македонија.

Во однос на тоа кога овие меморандуми ќе бидат донесени за ратификација во Парламентот, Тарандилис рече дека станува збор за парламентарна процедура.

Паралелно, уште еднаш повтори дека иако актуелната грчка Влада не се согласува со Договорот од Преспа, ги почитува нејзините меѓународни обврски.

-Околностите со соседната земја претставуваат меѓународна обврска на нашата земја. Нашата земја ги почитува нејзините меѓународни обврски, независно од фактот што, како што имаме изјавено, не се согласуваме со Договорот од Преспа. Ние како земја ги почитуваме договорите, истакна Тарандилис.

Поранешниот грчки премиер, а сега пратеник од Нова демократија Андонис Самарас во вчерашното интервју за „Катимерини“, како што објави МИА, во однос на Договорот од Преспа рече дека „ниту проблемот се реши, ниту Грција виде нешто добро. Само неподнослива национална штета, давајќи име, идентитет и јазик“ и најави дека кога трите меморандуми со Македонија ќе дојдат за ратификација во Парламентот, тој нема да гласа за нив.