Македонија
12. May 2017 - 16:22

Талат Џафери во законодавниот дом имаше средба со 16 амбасадори на земјите членки на ЕУ

Очекувам позитивен развој на настаните во земјава следната недела, порача холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, по средбата со Талат Џафери. Во Собранието, Џафери попладнево седна на иста маса со 16 амбасадори на земјите-членки на Европската унија.

По средбата со амбасадорите, Џафери попладнево го одржа и првиот брифинг за новинари, преку кој порача дека решението на проблемот со локалната власт е во рацете на политичките лидери. Џафери очекува политичарите да го договорат новиот датум за локалните избори, па потоа да се закаже собраниска седница за измени на изборниот законик и законот за локалана самоуправа. Со цел постигнување на сеопфатен политички договор Џафери во понеделник ќе ги повика политичките партии на координативна средба.

Во однос на мандатот Џафери посочи дека  очекува Иванов да постапи согласно Уставот во законскиот рок од 10 дена, но потоа се зависи од парламентарното мнозинство. Ако по 20 мај добие предлог програма и состав на новата Влада, Џафери е категоричен дека ќе закаже собраниска седница.

Во однос на инцидентите од 27 април, Џафери рече дека очекува формирање на анкетна комисија која целосно ќе ги испита настаните, бидејќи смета дека одредена одоговорност имаат и пратениците.