Балкан
4. September 2017 - 13:07

Тахири ја отфрли можноста за приклучување на Русија во дијалогот меѓу Белград и Приштина

Министерката за дијалог во косовската Влада, Едита Тахири денеска ја отфрли можноста за вклучување на Русија во дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина со посредништво на ЕУ. 

- Иако Косово би го поздравило потенцијалното приклучување на САД и Германија во дијалогот, учеството на Русија би било „неприфатливо“, изјави Тахири. 

Министерката за дијалог во косовската Влада ја даде оваа изјава откако српските медиуми објавија дека во дијалогот меѓу Србија и Косово до крајот на годината би можело да се вклучат и нови „играчи“ од Германија и САД, доколку со тоа се согласат двете страни, како и дека Белград би можел да бара приклучување на Русија. 

Се шпекулира дека разговорите со српските и косовските претставници во иднина, во името на ЕУ оперативно ќе ги води многу искусен германски политичар, а Вашингтон ќе биде во улога на „набљудувач на процесот“. 

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини би останала главен медијатор на дијалогот.