Македонија
28. јуни 2016 - 15:17

Тачи на средба со амбасадорката на ОБСЕ Суомалаинен

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи денеска, во седиштето на партијата во Тетово, се сретна со шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Суомалаинен со која разговараше за политичката криза во земјата, како и начините за нејзино решавање, соопшти ДПА.

Тачи ги презентирал ставовите на ДПА за излез од политичката криза и како да се забрза процесот на евро-атлантската интеграција, нагласувајќи дека единствениот начин за излез од оваа ситуација е продолжување на политичкиот дијалог со посредство на меѓународната заедница, кој бара нов пристап и силна политичка волја од сите страни.

- Тачи нагласи дека несогласувањето меѓу македонските партии е виртуелен проблем и дека реалниот проблем на Македонија е спорот за името и меѓуетничките односи, односно правата на Албанците, при што без разрешување на спорот за името и меѓуетничките односи, целиот овој процес нема никаква смисла, стои во соопштението.

Тачи оценил дека целта на работната група на ДИК треба да биде целосно прочистен Избирачки список и прифатен од сите. Исто така истакнал дека решението на спорот за името и на меѓуетничките односи, како и исполнување на демократските услови за веродостојни избори без оглед на тоа кога тие ќе се одржат, остануваат главни и суштински прашања за ДПА. 

Амбасадорката Суомалаинен му се заблагодарила на Тачи за конструктивната улога и за придонесот на ДПА во овој процес, со надеж дека ќе се продолжи со дијалогот и дека брзо ќе се изнајде решение