Македонија
13. October 2016 - 14:47

Табернакул дел од проектот „Чтатели од иднината“

Поттикнување на љубовта на децата кон читањето и градење читателски навики од мали нозе, е цел на проектот насловен „Читатели од иднината“ што го презентираше денеска Издавачката куќа „Табернакул“.

Станува збор за проект финансиски поддржан со грант од Програмата на ЕУ „Креативна Европа“ кој ќе го спроведуваат во наредните 20 месеци во соработка со издавачката куќа „Дитуриа“ од Тирана, Албанија која главно објавува дела за детската публика и Агенцијата „L'Associazione Agenzia Arcipelago“ од Италија која е специјализирана за организирање културни настани и проекти наменети за децата.

Цветан Враживирски од „Табернакул“ на денешната прес-конференција истакна дека децата се најважни и затоа потенцирајќи ја важноста на врската меѓу децата и книгата во овој проект ќе се обидат да стават акцент на огромниот потенцијал на детската љубопитност, креативност, како и на емотивните и духовни капацитети на детето.

- Сакаме да покажеме дека добрата литература за деца ќе им помогне да забележуваат, а со тоа и да доживуваат повеќе, да ги поттикне и вработи и телото и духот со што ќе се приближат до еден поисполнет и порадосен начин на живеење. Сакаме да кажеме дека играта е основа на творештвото и давајќи им приоритет на играта и на учењето низ игра да се обидеме да ги ослободиме децата од стравовите и да ја развиваме нивната креативност учејќи ги да читаат да придонесеме да бидат ведри, здрави и умни, да бидат весели и да осознаат дека творештвото почива на игра, а сочните плодови на творештвото се храна за опстанок и раст на животот на оваа планета, рече Враживирски.

Андријана Драговиќ, уредник во оваа издавачка куќа, истакна дека во рамки на проектот чиј таргет се деца на возраст од пет до 16 години ќе бидат спроведени два прашалника во сите три земји. Едниот за децата на возраст од шест до 10 години и вториот за деца на возраст од 11 до 15 години со цел да се види дали и колку читаат децата и каква литература ги привлекува. Целта е, како што додаде, да се направи пресек за читатчките навики на децата по што ќе следува и објавување на резултатите во публикација во која ќе бидат содржани и текстови на по тројца автори и по два илустратора од секоја од земјите.

Ванчо Каранфиловски исто така од „Табернакул“, смета дека денес кај децата има се помалку интерес за читање на книги, а тоа меѓу другото произлегува и од незаинтересираноста на родителите.

Покрај истражување во врска со читателските навики на децата во основното образование, проектот ќе понуди натпревари во пишување, изложби и средби со познати писатели за деца од земјите учеснички во проектот.