Свет
31. March 2020 - 20:39

СЗО: Ако не сте заразени, не носете маски

Претставници на Светската здравствена организација во понеделникот изјавија дека сè уште им препорачуваат на луѓето да не носат маски за лице освен ако не се болни од ковид-19 или не се грижат за некој што е болен.„Нема конкретни докази што укажуваат дека носењето маски од страна на масовната популација е корисно. Всушност, има некои докази што укажуваат на спротивното ако маската не се носи правилно или не се намести како што треба“, рече   д-р Мајк Рајан, извршниот директор на програмата за здравствени вонредни состојби на СЗО, на брифинг за медиумите во понеделникот во Женева, Швајцарија. „Исто така, постои и проблемот со огромниот глобален недостиг“, рече Рајан за маските и за другите медицински материјали. „Сега луѓето што се најранливи на овој вирус се здравствените работници, кои се изложени на вирусот во секоја секунда од секој ден. Помислата дека нема маски за нив е ужасна“.

Д-р Марија Ван Керхоув, епидемиолог за заразни болести во СЗО, на брифингот во понеделникот исто така рече дека е важно „да ѝ дадеме приоритет на употребата на маски за оние на кои им се најпотребни“, односно за здравствените работници во првите редови.

„Во заедницата не препорачуваме носење маски освен ако самите не сте болни и како мерка да спречите натамошно ширење од вас ако сте болни“, рече Ван Керхоув.

„Препорачуваме маски да носат луѓето што се во изолација и што се болни и лицата што се грижат за луѓе што се болни“, рече таа.

Официјални претставници на Светската здравствена организација минатата недела на брифинг за медиумите предупредија дека на глобално ниво постои „значителен недостиг“ од медицински материјали за лекарите, вклучително и лична заштитна опрема.

„Мора да бидеме јасни“, рече Ван Керхоув минатата недела. „Светот се соочува со значителен недостиг од лична заштитна опрема за нашите работници што се во првите редови - вклучувајќи маски и нараквици, наметки и штитници за лице - а заштитата на нашите здравствени работници мора да биде врвен приоритет во употребата на оваа опрема“.