Македонија
9. December 2015 - 16:22

СВР Куманово го одбележа 9 декември Денот на превенцијата

Во просториите на СВР Куманово денеска претставниците на полицијата заедно со претставници од повеќе институциии, установи и ученици го одбележаа 9 декември, Денот на превенцијата.

Помошник началникот на СВР Куманово, Севдаил Џафери во обраќањето пред присутните потсети на формирањето на отсекот за превенција како посебна организациска единица која произлегла од заложбите и настојувањата на полицијата да делува превентивно во служба на граѓаните.

- Денес, заедно со вас, со вклучување во сите активности, станавме препознатливи преку многу проекти кои имаа за цел, а тоа го покажува и статистиката, намалување на криминалот, зачувување на јавниот ред и мир и зголемување на безбедноста во сообраќајот, рече Џафери.

Тој во обраќањето наведе дел од проектите кои ги реализира меѓу кои „Безбедни училишта“,„Сите заедно за безбедно детство“, кој освен ученици и наставници вклучува и родители, „Заедно за иста цел“, кој промовира потреба од мултиетничко делување во решавање на исти проблеми како дрога и алохол, „Да не биде доцна“, поврзан со препознавање семејно насилство, како и повеќе проекти од областа на сообраќајот, со цел подигање на јавната свест за почитување на сообраќајните правила и прописи.

Отсекот за превенција од СВР Куманово ги спроведува проектите на ниво на шесте општини од североисточниот регион.