Македонија
31. October 2019 - 8:48

Светски ден на штедењето, депозитите на населението 4,5 милијарди евра

Едукативни настани и кампањи за промоција на штедењето организираат денеска банките и институциите по повод Светскиот ден на штедењето.

Македонската банкарска асоцијација и Фондот за осигирување депозити организираат настан на кој според најавите ќе се обратат министерката за финансии Нина Ангеловска, гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска Бежоска и директорот на Фондот заосигирување депозити Борче Хаџиев.

Настанот ќе биде збогатен и со едукативен дел за учениците од основните и средните училишта и за студетните со цел да се стимулира развивањето навики за штедење кај младите.

Во Зоолошката градина во Скопје, под мотото „Штедиме за сите наши желби“, „Халк банка“ приредува настан преку кој ќе им овозможи на основците од „Коле Неделковски” и „Кристијан Тодоровски-Карпош” и на децата од предучилишна возраст од градинките „Распеана младост” и „Орце Николов” да го откријат значењето на штедењето уште од најрана возраст.

Депозитите на населението во септември годинава изнесуваат 273,9 милијарди денари или 4,5 милијарди евра и бележат раст од 8,8 отсто во однос на септември минатата година, покажуваат податоците на Фондот за осигурување депозити, од каде што оценуваат дека граѓаните имаат доверба и ги чуваат парите во банките и покрај намалувањето на каматните стапки.

Повеќе од половина или 51,8 отсто од депозитите се во денари, а останатите 48,2 отсто се девизни. По видување се 51,1 отсто, а орочени депозити се 58,9 отсто. Според податоците на Народната банка, вкупните депозити на годишна основа во септември 2019 година се зголемени за 10,1 отсто, при евидентиран раст на кај двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.