Македонија
17. December 2019 - 18:43

Свети Николе стана прва општина со смарт регулирање на уличното осветлување

Општина Свети Николе од денеска е првата општина со смарт регулирање на уличното осветлување. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски истакна дека инвестицијата е 3.500.000 денари, обезбедени од буџетот на општината.

– Набавени и инсталирани се 63 ормари, мерни табли за целата територија на општината, со која целокупната инсталација за регулирање на уличното осветлување е префрлена од трафостаниците на ЕВН на ормари за регулирање на осветлување во сопственост на општина Свети Николе, вели Велковски.

Тој забележа дека годинава работеле и на енергетската ефикасност на објектите, кои се под надлежност на општината. Големи инвестиции имаат во училиштата и во Свети Николе и во руралните средини.

Директорот на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија, Нехри Емрула на денешното свечено пуштање истакна дека достигнувањето на Свети Николе е пионерско за нашата држава, а како што рече, многу малку општини успеале да постигнат автономност од дистрибутивната мрежа во делот на управувањето со уличното осветлување.

– Со тоа постигнувате намалување на тековните трошоци за одржување на системот за уличното осветлување. Во последно време во нашата држава се појавија и нови можности за решавање на проблемите на општините, меѓу кои и проектот на Европската банка за развој со што стави на располагање финансиски средства по моделот на јавно-приватно партнерство, вели Емрула.

Во рамките на овој проект веќе шест општини ја почнале постапката за јавно-приватно партнерство за осовременување на уличното осветлување, со енергетски ефикасни светилки.