Македонија
13. September 2021 - 16:52

Сведок на случувањата во болницата добивал закани, МВР постапува по случајот

Во пожарот во тететовската модуларна болница ги загубил таткото и братот.  Ги слушал нивните извици за помош, но не можел да ги спаси. Ибин Емшиу за Дојче Веле ги раскажува последните моменти пред да се случи големата трагедија. И покрај заканите по неговиот живот да не зборува јавно тој е решен да ја бара правдата до крај.

-Три лица досега ми се заканија да не давам изјави, да внимавам затоа што ќе ме убијат! Јас би им кажал дека сум тука и нема да бегам никаде. Ако има такви луѓе без морал што можат да убијат невин човек кој го донел својот татко во болница за да се лечи, а го земал изгорен заради нивна  грешка, јас сум тука , вели за Доче Веле Емшиу.

Емшиу заедно со загинатите татко и брат живееле во Италија. Летото дошле во родниот крај на одмор. Тој 6 дена седел како придружба во модуларната болница. Тврди дека плаќал по 1000 денари на болничарите двапати дневно да го негуваат неговиот 28 годишен неподвижен брат кој боледувал од церебрална парализа. Два дена пред несреќата еден од докторите  им рекол дека болницата ќе се затвора, но не ја знаел причината. Емшиу за Дојче Веле раскажува дека кобната вечер во модуларната имало 50-тина луѓе заедно со пациентите. Тој тврди дека немало против пожарни апарати туку огнот го гаснеле со вода од пластични садови. Се обидел да им помогне на најблиските, но огнот многу брзо го зафатил целиот објект.

-Кога влегов во собата број 3 видов дека има пожар под креветот, и почна да чади, а потоа нешто експлодираше и тоа предизвика уште поголем чад, вели Емшиу за Дојче Веле.

По неговото сведоштво реагираше лидерот на ВМРО ДПМНЕ кој во статус на ФБ праша кој му се заканувал на Емшиу.

-Кој сака на овој начин да се убие вистината и кому тоа му одговара?

За да не влијаат на истрагата бараме веднаш оставки од Хасани, Филипче и Заев, кои патем да напоменам не чувствуваат ниту морална одговорност.

Луѓе од крв и месо? Не би рекол, само алчни за фотелји и тендери, пишува Мицкоски.

Од МВР велат дека засега немаат пријава за закани по животот на тетовецот Ибин Емшиу, но ќе разговарале со него.

-Ќе извршиме разговор со лицето, а потоа ќе преземеме соодветни дејствија за расчистување на случајот, велат од МВР.