Ракомет
26. February 2021 - 9:54

Суперлигашот „Охрид“ ја декласира домашната екипа на РК „Делчево“ во ракометниот Куп

Екипата на суперлигашот „Охрид“ немаше големи проблеми во денешниот натпревар од ракометниот Куп на Македонија против домаќинот РК „Делчево“, кој избраниците на ексрепрезентативецот Раде Стојановиќ го добија со висока разлика и победа од 45:12.

Стојановиќ на своите избраници им се заблагодари за максималното залагање, а на домаќините им посака многу успех во понатамошните натпревари.
 
– Разликата беше евидентна во квалитетот, ние најсериозно го сфативме натпреварот. На моите играчи честитки за победата, на РК „Делчево“ им посакувам многу успех во првенството, рече Стојановиќ.
 
За тренерот на РК „Делчево“, Гоце Стоиловски, искуството од овој натпревар е од пресудно значење за екипата на која ова ѝ беше единствен подготвителен натпревар пред плејаут-натпреварите во Првата ракометна лига, кои продолжуваат овој викенд.
 
– Честитки до противничката екипа, кои заслужено нè победија. Ние продолжуваме во плејаут ова ни беше прва единствена утакмица за подготвки во услови на ковид-пандемија. Со оглед на условите кои ни дозволуваат ние полека се екипираме за почетокот на плејаут, иако денес не бевме комплетни тоа немаше да ја смени кој знае колку сликата на теренот, меѓутоа полека ја собираме екипата за натпревари кои почнуваат во сабота овој викенд, рече Стоиловски.
 
Со победата на овој натпревар екипата на суперлигашот РК „Охрид“ се пласира во осминафиналето од ракометниот куп на Македонија.