Бизнис
6. February 2018 - 14:09

Сугарески: Над 70 милиони евра за патно поврзување со Бугарија

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави изградба и реконструкција на поголем број патишта во кумановскиот регион, при што истакна дека за патното поврзување се планираат  околу 70 милиони евра, дел за изградба на експресни патишта и дел за реконструкција на патишта.

- Конкретно, ќе се гради експресниот пат Ранковце–Крива Паланка, како и продолжувањето од Крива Паланка до Деве Баир, изјави Сугарески при посетата на Куманово.

Тој најави дека ќе се реконструираат патиштата до селата Опае и Никуштак, а во општина Куманово ќе се вложува и во водоводна и канализациска мрежа за што за годинава општината подготви проекти за кои има на располагање 1,5 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ). Куманово е посочено како пример во искористување на финансиите од таа банка, а Сугарески се надева дека во соработка со општините ќе се најде начин како да се искористат преостанатите 16 милиони евра што се на располагање од ЕИБ.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот за транспорт повтори дека ќе се почитува рокот за изградба на автопатот Миладиновци-Штип, крајот на септември годинава, согласно  потпишаниот анекс на договорот. 

- Ќе настојуваме максимално да го испочитуваме тој рок, согласно и оние проблеми кои што на дневна основа излегуваат без разлика што и претходно имаше проблеми кои што мислам дека во голема мера и ги решивме. Се согласуваме дека дел од работите се во позабавено темпо, меѓутоа нашите очекувања се и она што сме  разговарале и со кинеската компанија и со подизведувачите дека ќе има забрзување од наредниот месец натаму. Со оглед дека и временските услови се добри за да може овој период да се работи, нашите очекувања се да се надминат тие проблеми и автопатот Миладиновци – Штип да биде завршен согласно рокот кој што е потпишан во анекс договорот, рече министерот за транспорт.

Куманово, според Сугарески, ќе биде дел од програмата за изградба на социјални станови, каде е важно почитувањето на критериумите за распределба и да бидат доделени на најранливи категории граѓани.

Сугарески легализација При посетата на Куманово Сугарески  и кумановскиот градоначалник доделија 30 решенија за легализација на бесправно изградени објекти. 

Апелираа граѓаните на кои во првиот рок им било одбиено барањето за легализација на бесправно изградените објекти, поради нецелосна документација или технички пропуст, да го искористат продолжениот рок, што стапи во сила од почетокот на годинава.

Од околу 200.000 легализирани дивоградби во цела држава, во Куманово се решени 5.500 барања за легализација, а вкупно пристигнати над 18.000. Над 7.000 барања, информираа од општината,  се одбиени поради нецелосна документација.

- Општина Куманово, ќе им излезе во пресрет на граѓаните кои во продолжениот рок ќе поднесат барање за легализација, со цел да бидам опфатени што поголем број објекти. Апелирам до несовесните граѓани да не ги злоупотребуваат можностите и дополнително во овој период, спротивно на Законот, да градат дивоизградени објекти, бидејќи и државата, но и општината има намера да се справи со таквите појави. Конечно, еднаш засекогаш ќе мора да го завршиме во целост процесот на легализацијата на диво изградените објекти, изјави Димитриевски.