Бизнис
28. December 2017 - 12:37

Сугарески: Изградбата на автопатот Скопје-Блаце врвен приоритет

Изградбата на автопатот Скопје-Блаце во должина од 13 километри е врвен приоритет за Владата и во моментов се прави репроектирање на веќе изработената проектна документација со цел да се отстранат неправилностите и пред крајот на идната година да започне изградбата, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугаески.

- Во 2016 година е потпишан договор за допроектирање на автопатот, но за да не ни се случи она што се случува со останатите автопатски делници решивме да ги видиме сите можности и да ги отстраниме пропустите кои евентуално би се јавиле во изградбата. Затоа добивме околу еден милион евра со кои треба да се направи репроектирање за да се избегнат сите пропусти кои ги има во проектната документација, рече Сугарески, одговарајќи на прашање на пратеникот Реџеп Мемеди од БЕСА, поставено на денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања.

Тој посочи дека е предвидено изместување на трасата на автопатската делница во делот на индустриските зони и новите гробиштата што треба да се прават.

- Дополонително има и препроектирање и на дел од тунелите за да не ни се случи она што се случива со изградбата на тунелите на автопатската делница Кичево-Охрид каде има реални проблеми во делот на ископите кои со проектот биле предвидени како втора категорија, а сега се шеста. Ревизија треба да се направи и на безбедноста на патот, рече Сугарески.

Препроектирањето на документацијата, нагласи, треба да заврши во текот на наредната година за потоа да се распише јавна набавка што ќе заврши во соодветен рок и на крајот на 2018 година да почне изградбата на автопатот и да се гради со засилена динамика.