Бизнис
25. October 2018 - 13:33

Сугарески: Државата ќе им помогне на општините да ги решат елементарните инфраструктурни проблеми

Општините мора да работат на проекти во текот на зимскиот период за целосно да бидат подготвени за старт на новата градежна сезона, во март следната година, и веднаш да почнат со нивната реализација, порача министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Карпош.

-На денешната средба разговаравме за сите проекти што се одвиваат во општина Карпош, а особено за проектот за промена на водомерите во општината што ќе се реализира преку Европската  инвестициска банка (ЕИБ). Општината во моментов аплицираше за овој проект и очекувам во најбрз временски период, по обезбедување на согласностите од сите надлежни институции, да почне со неговата реализација, изјави Сугарески.

Тој посочи дека го информирал градоначалникот Стефан Богоев дека во текот на наредната година на располагање ќе бидат средствата од ЕИБ во износ од 50 милиони евра и дополнителни уште околу 50 милиони евра што се обезбедени од ТАВ и од јавните претпријатија за изградба на водоводни и канализациски системи, како и 70 милиони евра за изградба на локални патишта за кои во моментов се водат преговори со Светска банка.

-Сметаме дека на тој начин државата ќе може многу да им помогне на општините во текот на наредната година, да ги решат елементарните пероблеми со водоводни и канализациски системи и локални патишта. Со тоа во голема мерка ќе биде зголемен нискиот процент на инвестиции што го имаше во изминатиот период, потенцира Сугарески.

Градоначалникот Богоев посочи дека општина Карпош е во тешка финансиска состојба, но тоа, како што рече, не ги спречува заедно со Владата да работат на проекти за доброто на граѓаните.

-Општина Карпош аплицираше за речиси 200 илјади евра поддршка од ЕИБ за безжични водомери што ќе бидат поставени  во 600 до 700 домаќинства на територијата на општината. Во финална фаза е и добивање на согласноста од Министерството за транспорт и врски за два детални урбанистички плана. Првиот е во касарната Илинден, каде се предвидува изградба на станбени објекти, а вториот за деловите над Трнодол и Жданец, каде е предвидена изградба на објекти за индивидуално домување, рече Богоев.

Во зимскиот период, додаде, како општинска администрација се зафаќаат со изработка на готови главни и ревидирани проекти со кои ќе аплицираат за средства во Министерството за транспорт и врски, пред се во делот на изградба на нови локални патишта и водоводи и канализации.

-Верувам дека ќе ги решиме сите наши горливи проблеми со водоводи, канализации и локални патишта со средствата кои ќе ги обезбеди општина Карпош за следната година и со средствата што ќе ги добиеме преку ЕИБ, ТАВ или министерството, а потоа ќе преминеме во фаза на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, посочи Богоев.