Македонија
22. September 2020 - 16:37

Судски процес за дискриминација на жените во спортот

Сертификат наместо медал, непостоење женски репрезентации во неколку категории и нерегулирани активности на женските борачки се основ за првата тужба против родова дискриминација во спортот. Две врвни борачки преку два клуба ја тужат Боречката федерација бидејќи велат дека не добивале еднаков третман во однос на машките борачи.

-Нашите натпреварувачки се дискриминирани во однос на начинот и критериумите за избор на меѓународните првенства, како нивниот пристап до овие меѓународни првенства, вели Благоја Пандовски, адвокат на тужителот.

Одбраната, пак, смета дека наводите во тужбата не се точни. Адвокатот на одбраната вели дека никогаш во историјата Боречката федерација не правела дискриминација по родова основа.

- Основа на тужбеното барање прво ниту за судот, ниту за тужената страна не беше разбирлив. Оттука, судот го задолжи тужителот да го уреди тужбеното барање на начин што ќе наведе каде и кога наводно е сторена таа дискриминација по основ на пол и род како што наведуваат тужителите, истакна Асмир Алиспахиќ, адвокат на одбраната.

За случајот запознаена е и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која според тужителот, смета дека во конкретниот случај има основ за дискриминација во областа на родовите права.

Неодамна во јавноста остри реакции за доделувањето на државната награда „8 септември“. Планинарката Илина Арсова која е првата македонка која ги искачи сите највисоки врвови на сите континенти реагираше дека меѓу добитниците нема ниту едно женско име, но и оти години наназад ниту една спортистка нема добиено награда за животно дело.