Македонија
2. February 2018 - 17:07

Судот не прифати прочистување на текстот на обвинението за случајот „Општина Центар“

Само пратеничката Даниела Рангелова го разбра обвинението на Специјалното обвинителство за насилствата во Општина Центар. Останатите 10-мина обвинети меѓу кои и екс-премиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиевски, побараа СЈО да им достави пречистен текст на обвинението за да можат да одговорат дали се чувствуваат виновни. На ваквото барање реагираше обвинителката Фатиме Фетаи која се понуди повторно да го прочита обвинителниот предлог во кој има само технички измени, а доколку е потребно Фетаи рече може да  се изврши и вештачење над обвинетите.

Од овие причини денешното рочиште беше презакажано за 13 март, откако претходно 4 часа траше обидот судскиот процес да почне од почеток.    

Судот ги одби барањата на сите адвокати, пред почетокот на судењето да ги добијат прислушуваните телефонски разговори и видео материјали кои Специјалното обвинителство ќе ги користи како доказ. Без овие материјали, адвокатите тврдат дека не добиваат еднаков третман и можност да ја подготват одбраната. Но ваквите барања не беа прифатени откако СЈО го повтори ставот дека телефонските разговори треба да ги поседува само судот.

За предизвикување на насилните протести во општина Центар од 2013-та година, обвинети се вкупно 14 лица. Двајца од нив веќе признаа вина, додека за едно лице судот ја одвои постапката.