Македонија
28. September 2016 - 12:20

Судии, судски советници, обвинители и адвокати на обука за практичната работа на ЕСЧП

Судии, судски советници, обвинители и адвокати, денеска во Скопје, ќе се обучуваат за структурата и практичната работа на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), со цел да го подобрат знаењето и капацитетите во поглед на правото на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).

Според директорот на Бирото за застапување на Република Македонија пред ЕСЧП, Костадин Богданов овие обуки се многу битни за домашните судии со оглед на фактот што Европската конвенција наоѓа директна примена во домашното право. Поради тоа, како што додаде, судиите треба постојано да ја следат работата на ЕСЧП и да ги спроведуваат во сопствените одлуки.

ЕСЧП, како што посочи ја презема надлежноста во свои раце за некое прашање за кое има наводи дека има повреди на човековите права и е претресено од сите домашните судски органи. 

Говорејќи за важноста на Европската конвенција, Богданов рече дека во  членот 111 од Уставот на РМ е предвидено сите меѓународни договори кои се ратификувани од Собранието на РМ не можат да бидат менувани со закон, поради што на Европската конвенција како меѓународен договор и се дава високо место во хиерархијата на правните норми.

- Европската конвенција е краток документ и правата кои се заштитени со неа се кратки, рече Богданов. Во контекст на тоа посочи на членот 3 од Конвенцијата, кој се однесува за апсолутно право за забраната за тортура и содржи околу пет-шест збора, но позади тие зборови, термини и поими, како што рече, се содржани илјадници страници на судска праксана ЕСЧП.

- Токму праксата на ЕСЧП треба вас како судии и обвинители да ви биде директно применлива во секојдневната работа. Односно при вашето одлучување согласно Уставот треба да се повикувате на предметите и пресудите на ЕСЧП, истакна Богданов.

Тој во своето обраќање се осврна и на Законот за судови и за правото за судење во разумен рок каде, како што рече, експлицитно е наведено дека Врховниот суд на РМ кога решава за вакви предмети ја применува Европската конвенција за човекови права и праксата на ЕСЧП.

Судијата од Управниот регионален суд на Летонија, Анита Ковалевска на обуката говореше за практичното работење на ЕСЧП, структурното работење на ЕСЧП со акцент на исцрпувањето на домашните правни лекови, губењето на статусот на жртва, процедуралната и суштинска супсидијарност, како и маргината на дискреција.

Вишиот советник во Врховниот суд, поранешен судија од Општинскиот суд во Загреб, Хрватска, Дражен Кевриќ ги пренесе знаењата за законски одредби за структурата и структурното работење на ЕСЧП.

Обуката ја спроведува Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Министерството за правда во рамките на Твиниг проектот на Летонија и Хрватска за „Зајакнување на владеењето на правото“.